Стојанче Андонов - Дито

Биографија

Македонскиот академски сликар Стојанче Андонов - Дито е роден во Кратово на 08.05.1980 година. Основно и средно училиште завршува во древниот град Кратово, а ликовна академија завршува на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот Св.Кирил и Методиј - Скопје, Република Македонија, во класата на реномираниот и познат професор Рубенс Корубин.

Непосредно по дипломирањето ја поставува својата прва самостојна изложба во Домот на Културата Лазар Софијанов - Кратово. Во врска со приложените дела, познати македонски ликовни критичари и културни работници забележаа:

Проф. Тодор Максимовски – Максим, редовен професор по ликовна уметност на Педагошки факултет – Штип – Универзитет Св.Кирил и Методиј – Скопје:

За време на мојот живот и наставничка кариера немам забележано по талентиран уметник.

Проф. Рубенс Корубин, редовен професор при факултетот за ликовни уметности - Универзитет Св.Кирил и Методиј – Скопје:

Стојанче Андонов – Дито и припаѓа на најмладата наша генерација на млади уметници, свој, стрплив во она што сака да го направи и искрен во она што ни го соопштува. Неговите слики се работени во силен реализам што произлегува од денешнава динамика на живеење. Неговиот илузионизам е посебен запис на предметите што биле дел од нашето секојдневие обликувани со генерации и препознатливи во својата основна употребливост. Како контраст на сцената се вметнати деликатно дизајнирани додатоци.

Др. Душко Алексовски, председател на Светската Академија за Карпеста уметност:

Фактот дека уметничкото дело на младиот академски сликар Стојанче Андонов – Дито во неговиот роден град Кратово, предизвика облагородување на духот на луѓето, зборува за свестраниот уметнички талент кај младиот уметник. Иако главната инспирација ја гледа во мртвата природа која маестарално ја овековечува, сепак се чувствува неговата втора развојна фаза, односно внесување универзална идејност во следната фаза на неговото творештво. Чувствувам дека нема да чекаме долго кога овој млад талентиран уметник ке ја достигне славата на светски признатите творци од типот на Веласкес, Шарден, Караваџо.

Извадок од книгата на Др. Душко Алексовски: ”Монографија на ранохристијанската базилика-ротонда, село Коњух, Кратовско” (Куманово, 2007)

Како круна на генијалното градителско мајсторство во Македонија е зградата што ја гради академскиот сликар Стојанче Андонов од Кратово. Зградата како да се гради против сите правила на архитектурата со генијална изработка на камена пластика единствена во светот која може да биде предмет на магистерски и докторски трудови од областа на историјата на уметноста и архитектурата. Додека светските експерти од областа на историјата и архитектурата се воодушевуваат од неговото грандиозно уметничкото дело, Друштвото на ликовните уметници на Македонија го одби неговото барање за членство, најверојатно поради професионалната завист и љубомора.

Но, еден ден ќе заклучат, како што заклучи и Француската академија на науките и уметностите, долго време по одбивањето за прием на Молиер во Академијата: ”Ништо не недостатуваше на неговата слава, недостасуваше на нашата слава”. Единстевен извор на таа градителска вештина е богатото напластено наследство од овој вид во потсвеста на овој, по се изгледа, исклучителен македонски академски сликар и скулптор, од кој Македонија треба многу да очекува. Дипломираниот архитект Васил Боглев, кој сега живее и работи во Австралија, за уметничкото дело на младиот уметник Стојанче Андонов рече: ”Тоа е уникатна рака. За жал, ја дели судбината со сите македонски генијални младинци за кои општеството не е загрижено, а неговите колеги се болно љубоморни. Неговите уметнички, сликарски и скулпторски дела се во рангот на најголемите светски творци од овој вид”. Откако длабоко воздивна, Боглев рече: ”Јас сум воодушевен од неговото дело. Тој е вистински македонски Гаудиј”.