Прва самостојна изложба на Стојанче Андонов - Дито

Стојанче Андонов - Дито во Домот на култура Лазар Софијанов во Кратово ја постави својата прва самостојна изложба, која воедно е и негова дипломска работа. Благодарение на неговиот прв професор по ликовно Тошо Максимов, кој го открива неговиот талент и долго време работи со него, Андонов продолжува успешно да го изградува својот уметнички стил и правец.
Овој веќе изграден уметник ја заврши Ликовната академија во Скопје, во класата на професор Рубенс Корубин, кој за него ќе каже: ”Андонов и припаѓа на најмладата наша генерација на млади наши уметници, свој, стрплив во она што сака да го направи и искрен во она што ни го соопштува. Сликите се работени во еден силен реализам што произлегува од денешната динамика и живеење.
Неговиот илузионизем е последен запис на предметите што биле дел од нашето секојдневие, обликувани со генерации и препознатливи во својата основна употребност. Како контраст на сцената се вметнати деликатно дизајнирани амбалажи кои ги претвораме во отпад. Насликани вешто, тие јасно ја прикажуваат неговата теза и ја споделуваат со публиката”. Се очекува оваа негова изложба да биде поставена во повеќе градови низ Македонија.
14 јануари 2005 АКТУЕЛ
Кратово му се израдува на уметникот

Младиот, тазе дипломиран академски сликар, Стојанче Андонов – Дито, неодамна, во родното Кратово, ја приреди својата прва самостојна изложба. Како што велат кратовчани, ”вомалото место”, одамна немало толку голема заинтересираност за изложба. Едноставно, во Кратово се случи нешто невообичаено за нас: уметникот најпрво го забележаа неговите.
Се почувствува, како што се вели, едно облагородување на духот на луѓето како резултат на неговото делување во нивната средина. Скромниот и мошне талентиран сликар, минатата година, дипломираше во класата на професорот Рубенс Корубин. Во делата на овој ликовен педагог, вработен како професор по ликовно во основното училиште ”Кочо Рацин”, во Кратово, до израз доаѓаат совршеното мајсторство и талент кој, ”сигурно наскоро ќе прерасне во Алфа и Омега на македонското современо сликарство”, уверени се неговите колеги.
Главната инспирација ДИТО ја наоѓа во сликањето мртва природа, а од сега изложените слики, 15 се насликани во техниката масло на платно, а 5 се графики. ”Се надевам дека по изложбата во Кратово, моите дела ќе може да се видат и во Скопје и другите градови”, вели Андонов најавувајки ја новата самостојна изложба во ноември.