Уметникот е заложник на своето време

Со нетрпение очекувам пред мене да ја видам сликата, како Александар Македонски стои пред границите на сегашна Македонија, со солзи во очите и со поткренат меч, како да сака да рече: ”Не очајувајте Македонци, еве повторно сум пред вас да ве поведам кон посреќна и поизвесна судбина” вели Стојанче Андонов - Дито.
Разговор го водеше:
Милева Лазова
Господине Андонов, неодамна во вашиот град ја реализиравте првата самостојна изложба. Колку дела презентиравте, во која техника ги изработивте и колку време ги подготвувавте?
АНДОНОВ: Особено сум среќен и задоволен што мојата прва изложба ја реализирав токму во родниот град, кој како да е предодреден да создава таленти и кадри од сите профили. На изложбата презентирав 20 дела, од кои 15 се изработени во техника масло на платно, а 5 се графики. На овие слики работев околу три години.
Вие сте уметник. Што за Вас значи да се биде уметник и како ја сфаќате уметноста?
АНДОНОВ: Да се биде уметник значи да се има душа, пред се, да се биде човек. Уметникот мора да чувствува и да сочувствува, бидејќи како што рекол и големиот мајстор на скулптурата Роден, ”човекот е голем само по своите чувства”. Да се биде уметник значи да се биде човек во вистинска смисла на зборот. Тој треба да го чувствува пулсот на новото време како еден вид континуитет на минатото, она што е потиснато длабоко во потсвеста и кое управува со нашата свест се обидува да не опомени за нешто или, пак, да не предупреди, како што заклучиле големите психоаналитичари Фројд и Јунг. Уметникот е еден вид заложник на своето време и на настаните кои се случуваат. Тој е регистратор на настаните, во него се прекршуваат минатото и сегашноста и се определува иднината. Секогаш е во состојба на напнатост и грч, а како што ќе рече и нашиот литературен критичар академик Димитар Митрев, за уметникот плаче и гората.
Од кога почнавте да сликате и да ли Вашиот талент го откри некој друг?
АНДОНОВ: Аматерски почнав да сликам од рана младост, односно првите цртежи ги направив на тригодишна возраст. Откривањето на мојот талент е поврзано со името на академскиот сликар Тошо Максимов – Максим, редовен професор по ликовна култура на Педагошкиот факултет во Штип. Во оваа прилика сакам да му изразам благодарност на професорот Максим, кој не само што го откри мојот талент, туку и успешно го разви во мене, охрабрувајќи ме на планот на уметничкото создавање да пристапам поинтезивно и со особен интерес и внимание. Според мене, ваквите благородни души понекогаш пресудно влијаат врз развојот на некоја талентирана личност. И уметниците и спортистите секогаш им се благодарни на стручните лица, кои го откриваат и го развиваат нивниот талент. Во спротивно, талентите би останале како сликана, но неразвиена филмска лента.
Главната инспирациа ја гледате во мртвата природа. Зошто?
АНДОНОВ: Токму така. Преку мртвата природа го усовршувам сликарското мајсторство како прво скалило на мојот успешен поход на ова поле на уметничкото дејствување. Нема да останам само на овој вид создавање. Тоа е само подготовка за следните посложени фази, каде што треба да дојде вистинскиот уметнички израз. Но, сепак морам да потенцирам дека и при создавањето на мртвата природа, се обидувам да внесам идеја, односно да спасам од заборав дел од нашата народна традиција. На платната се присутни претстави од веќе заборавени етнолошки елементи. Не случајно на нив ќе се забележат лук, кромид и слично и некаде на крајот модерна ”вегета”, како знак дека она природното кое некогаш било извор на здравје и енергија сега е заменето со вештачки зачин. Во ликовната уметност треба да се разликува уметност и вештина. Преку мртвата природа се усовршува вештината, која подоцна треба да помогне во полн израз да настапи она највредното: уметничкото – идејата. Создавам на планот на мртвата природа и секојдневно вредно бележам бројни идеи, кои треба да бидат зацврстени преку идните сликарски платна. Со нетрпение очекувам пред мене да ја видам сликата, како Александар Македонски стои пред границите на сегашна Македонија, со солзи во очите и со поткренат меч, како да сака да рече: ”Не очајувајте Македонци, еве повторно сум пред вас да ве поведам кон посреќна и поизвесна судбина”.
Во која техника работите и во која најмногу се наоѓате себеси?
АНДОНОВ: Работам во повеќе техники: акварел, масло на платно, акрилик, пастел, туш, меѓутоа најмногу себеси се наоѓам во техниката масло на платно. Одвреме навреме работам и скулптура.
Колку денешните случувања во земјава влијаат на Вас и на Вашето творештво?
АНДОНОВ: Нормално, врз секој уметник од дамнешни времиња белег врз творештвото оставале современите случувања во општството. Понекогаш уметникот може да биде само регистратор на тие случувања или, пак, активно да учествува во текот на настаните кои секојдневно се случуваат во општеството. Тие диктираат која идеја ке ја развивам на сликарското платно. Не случајно ја спомнавидејата поврзана со Александар Македонски. Значи, постојано менување на границите на Македонија на нејзина штета го преоптоварува мојот уметнички хоризонт.
Колку денес може да се живее од уметност?
АНДОНОВ: Искрено мислам дека може да се живее од уметноста. Но, за да се живее од неа, уметникот треба целосно да и e посветен. Тој треба да го погоди вкусот на времето. Едноставно треба да создава и уметнички и пазарно. Бев пријатно изненаден од фактот што за повеќето мои слики луѓето пројавија интерес да ги откупат уште на првит ден од изложбата.
Веќе извесно време со вашиот татко градите ателје. Како го замислувате и колку од замисленото успешно го реализирате?
АНДОНОВ: Со татко ми ателјето го градиме во непосредна близина на Кратово. Тоа треба да претставува еден вид ателје – скулптура. Целото ателје би претставувало архитектонско уметничко дело. Со завршувањето на ателјето би се создале идеални услови за уметничко создавање и услови тоа да прерасне во локален Музеј на уметноста. Работата напредува бавно, бидејќи секој вграден камен мора да биде специјално обработен, а дел од вградните камења добиваат форма на скулптури.
Има ли најави Вашата изложба да се види и во други македонски градови, а и пошироко?
АНДОНОВ: Се предвидува оваа изложба да гостува во околните градови на Кратово, како и во Скопје. Се наѕираат можности за нејзино гостување во Канада, Америка, Австралија и Западна Европа.